Премиерот Димитар Ковачевски смета дека не се крши Законот за влада со тоа што Талат Џафери, како кадар на ДУИ, а не на најголемата партија во власта СДСМ, ќе биде премиер во техничката влада сто дена пред избори.
„Прво не се крши законот затоа што и денес и претходната влада е коалициска влада и ако го погледнете мандатот што го доделува претседателот на државата, тој го доделува на коалиција. Таа е онаа која што има најмалку 61 пратеник во Собранието, така се доделува мандатот. Така што со тоа ништо не се крши“, изјави Ковачевски, кој денеска присуствуваше на конференција за транспарентноста и отчетноста на институциите.
За сценариото ВМРО-ДПМНЕ да не номинира свои министри и заменици во техничката влада, пак, премиерот порача дека тоа е законска обврска за партиите, како што е за него да даде оставка на 100 дена пред изборите.
Во однос на техничката влада, таа е законска обврска што како што е за мене законска обврска да поднесам оставка 100 дена пред избори со што целата влада е практично во оставка.
„Обврска на сите политички партии е да учествуваат во влада која треба на техничко ниво да ги спроведе изборите. Со тоа ќе имаме демократски процес на кој нема да има ниту една дамка. Сметам дека сите партии согласно законот треба да ги делегираат своите претставници во техничката влада која ќе работи сто дена“, рече Ковачевски додавајќи дека во Законот нема простор за импровизација.
Според закон, во техничката влада ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија во техничката влада треба да биде застапена со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација).
Видете и ова: На 8 мај ќе се гласа на двојни избори – падна договор на лидерскатаОсвен формирање техничка влада, до изборите кои треба да се одржат следната пролет, треба да се пополни и испразнетото место во Државната изборна комисија (ДИК). Дали Алијанса за Албанците или албанската опозиција ќе добие столче во ДИК, премиерот денеска не даде одговор и рече дека тој треба да се бара во Собранието кое е надлежно да ги именува членовите на ова изборно тело.
На местото кое е испразнето во ДИК седеше актуелниот министер за правда Кренар Лога како кадар на Алијанса за Албанците, која доби место во Комисијата како опозициска партија по последните парламентарни избори. Но, со оглед дека Алијанса сега е во владината коалиција со СДСМ и ДУИ, опозициските партии од албанскиот блок бараат тие да го добијат местото во ДИК.
Според договорот на лидерската средба од 4 декември, во земјава ќе се одржат двојни избори на 8 мај - парламентарни и втор круг претседателски. Претходно, на 24 април, пак, ќе се гласа во прв круг претседателски избори.