Американскиот претседател Џо Бајден вети дека ќе продолжи да го поддржува Израел во неговата војна со Хамас, но предупреди дека неговата земја треба да биде претпазлива од „промена на светското мислење“ во напорите за соборување на Хамас.
„Ќе продолжиме да даваме воена помош додека не се ослободат од Хамас, но мораме да бидеме внимателни. Целиот свет може да го промени јавното мислење преку ноќ. Не смееме да дозволиме тоа да се случи“, рече Бајден синоќа на приемот во Белата куќа по повод еврејскиот празник Ханука.
Во време кога САД го притискаат Израел да стори повеќе за заштита на цивилите во Газа, Бајден рече дека не секогаш се согласува со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Како што реков по нападот (7 октомври), мојата посветеност на безбедноста на еврејскиот народ и безбедноста на Израел, неговото право да постои како независна еврејска држава, е непоколеблива“, рече Бајден.
Сепак, Израел и САД се сè поизолирани бидејќи се соочуваат со повици за прекин на огнот во Газа, проценува Асошиејтед Прес.
Видете и ова: Израел продолжува да ја бомбардира Газа по тврдењата дека Хамас е блиску до „колапс“Денеска, се очекува Обединетите Нации да усвојат необврзувачка резолуција за ова прашање, бидејќи Израел продолжува со офанзивата против лидерите на Хамас во Појасот Газа, за која велат дека може да трае со недели или дури месеци.
На синоќешниот брифинг за АП, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант одби да каже колку долго ќе трае војната, но сигнализираше дека сегашната фаза на тешки копнени борби и воздушни напади може да трае со недели и дека понатамошната воена активност може да продолжи со месеци.
Тој рече дека следната фаза би можела да биде помалку интензивни борби и ќе бара од израелската војска да ја задржи слободата на операции.
Премиерот Нетанјаху претходно изјави дека Израел ќе ја одржува безбедносната контрола над Газа на неодредено време.