Врховниот суд на рускиот регион Татарстан на 12 декември ја потврди одлуката на понискиот суд да ја задржи во притвор новинарката на Радио Слободна Европа, Алсу Курмашева, но и го намали притворот за еден ден, до 4 февруари.
На 1 декември, судот во Казан го продолжи притворот на Курмашева до 5 февруари. Таа е во притвор од 18 октомври.
Вршителот на должноста претседател и член на одборот на РСЕ, Џефри Гедмин изјави дека е време „овој суров прогон да престане“.
„Силно ја осудуваме очигледната одлука на руските власти да поднесат дополнителни обвиненија против Алсу. Новинарството не е кривично дело. Време е овој суров прогон да престане“, изјави Гедмин.
Курмашева, новинарка на РСЕ од Прага, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради семејна вонредна состојба во мај.
Таа беше привремено задржана додека го чекаше повратниот лет на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде и беа одземени двата пасоши. Не можела да ја напушти Русија бидејќи чекала да и ги вратат патните исправи.
На 11 октомври, судот и нареди на Курмашева да плати казна затоа што не го пријавила американскиот пасош на руските власти.
Курмашева на 18 октомври повторно беше приведена и овојпат обвинета за непријавување како „странски агент“, што е кривично дело во Русија за кое е предвидена казна затвор до пет години.