Усвојувањето на заклучоците за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација, за евалуација на годишниот дијалог за владеење на правото и за менаџирањето со демографските промени во Европа, ќе бидат главните теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).
Како што јавува МИА, а според извори од Европскиот совет, во рамки на расправата за проширувањето министрите и државните секретари задолжени за европски прашања на земјите членки на ЕУ ќе решаваат и во врска со вторите меѓувладини конференција со Северна Македонија и Албанија.
Видете и ова: Членките на ЕУ бараат од Унгарија да не ја блокира поддршката за Украина
На дневниот ред на заседанието на ГАК, со кое ќе претседава шпански државен секретар за Европската Унија, Пасквал Игнасио Наваро Риос, ќе бидат и подготовките за Самитот на ЕУ што ќе се одржи в четврток и петок, преговорите за договорите за асоцијација со Андора и Сан Марино, предлогот на Шпанија за измена на Регулативата 1/1958 на Унијата со што каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик би биле признати како службени јазици во Унијата, како и дебатата за Конференцијата за иднината на Европа.
Дополнително, предвидено е актуелното шпанското и следното белгиско претседателство со ЕУ да го претстават патоказот за активностите на европските институции за 2024 година.
Заседанието на Советот за општи работи се одржува еден ден пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој се очекува да биде пренесена пораката дека проширувањето претставува инвестиција во мирот и ќе се афирмира определбата за поголема интеграција на земјите кандидатите за пристапување во Унијата, со што тие и нивните граѓани би ги почувствуваат придобивките од членството уште пред полноправното зачленување во блокот.