Зеленски од Вашингтон - Секое одложување на воената помош значи остварување на сонот на Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Вашингтон на 11 декември по посетата на Аргентина.

Американскиот претседател Џо Бајден го покани Зеленски во Вашингтон за да ја потврди поддршката на неговата администрација за Киев во услови на спор со републиканците во Конгресот кои блокираат десетици милијарди долари многу потребна воена и економска помош за загрозената земја.

Зеленски, на првиот ден од посетата на Соединетите Американски Држави (САД) им се обрати на воените офицери на Универзитетот за национална одбрана во Вашингтон по воведот на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Зеленски на собирот рече дека секое одложување на воената помош за Украина претставува „остварување на соништата“ за рускиот претседател Владимир Путин.

„Путин мора да изгуби. Можете да сметате на Украина и се надеваме дека исто толку ќе можеме да сметаме на вас“, рече Зеленски.

Видете и ова: Средба на шефицата на ММФ и на украинскиот претседател Зеленски


Во своето обраќање, Остин рече дека недостигот на поддршка за Украина сега во нејзината борба против Русија само ќе доведе до повеќе крвопролевање и агресија во иднина.

Бајден ќе го прими Зеленски во Белата куќа на 12 декември, изјави портпаролката Карин Жан-Пјер, а украинскиот лидер ќе им се обрати и на американските сенатори и ќе се сретне со новиот републикански претседател на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон.

Кабинетот на Зеленски соопшти дека украинскиот лидер ќе одржи „серија состаноци и дискусии“ фокусирани на одбранбената соработка меѓу Вашингтон и Киев, „особено преку заеднички проекти за производство на оружје и системи за противвоздушна одбрана, како и координација на напорите меѓу нашите земји во наредната година“.

Видете и ова: Бајден го повика Зеленски на разговори во Белата куќа


Зеленски, исто така, треба да се сретне со шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгива на 11 декември, додека извршниот одбор на организацијата се подготвува да ослободи дополнителни средства од пакетот за заем на Украина во вредност од 15,6 милијарди долари.

Посетата на Зеленски доаѓа откако на 5 декември тој го откажа видео обраќањето до американските сенатори додека се разгоре дебатата за барањето на Бајден од речиси 106 милијарди долари за финансирање на војните во Украина и Израел.