Турција му определи 40 дена екстрадициски притвор на Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања

Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Баликесир, Турција, му определи екстрадициски притвор на Љупчо Палевски -Палчо, во траење од 40 дена, соопшти македонското Министерство за правда.

Палевски е осомничен за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.

Според досегашната истрага, по убиствата Палевски избегал од земјата, прво отишол во Србија, па во Бугарија, а потоа во Турција. Таму минатиот вторник беше уапсен.

Министерството за правда добило допис од македонската амбасада во Анкара дека до амбасадата е доставена Нота од Министерството за надворешни работи на Турција за определениот екстрадициски притвор за Љупчо Палевски.

Видете и ова: Лога се надева на релативно брза екстрадиција на Палевски од Турција

Министерството за правда во четвртокот (7 декември) го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски.

Министерот за правда Кренар Лога на 9 декември изјави оти се надева дека Љупчо Палевски – Палчо релативно брзо ќе биде екстрадиран од Турција во земјава. Сепак, како што вели Лога, рано е да се зборува бидејќи уште не се искористени сите правни лекови.

Барањето за екстрадиција доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела - „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.