Политичките реклами да не се на товар на државата, предвидуваат измените на Изборниот законик

Архивска фотографија - Локални избори во Северна Македонија, 17.10.2021.

Подготвени се измените на Изборниот законик, според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, соопшти Министерството за правда. На измените работеше Работна група во Министерството.

Од Министерството соопштија дека министерот за правда Кренар Лога го поддржува предлогот на Работната група, платеното политички рекламирање да не биде повеќе на товар на државата.

„Со оглед на тоа што на лидерска средба е договорено овој Законик да оди во Собранието преку пратеници, Министерството за правда ќе ја достави работната верзија до сите парламентарни политички партии. Одговорноста за донесувањето и содржината на Изборниот законик ќе биде на пратениците во Собранието“, стои во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму дополнуваат дека Предлогот на Изборниот законик содржи 58 члена кои ќе придонесат кон зајакнување на улогата на институциите одговорни за спроведување на одредбите од овој Законик.
Изборниот законик треба да се менува во делот на постапката на приговор и жалбена постапка, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансирањето на кампањата и медиумското претставување во изборниот процес.

Видете и ова: Десетици закони и одлуки во Собрание чекаат „брзи прсти“

Правилото е да не се отвара изборниот законик во Собрание најмалку шест месеци пред почеток на кампања. Но и овој пат нема да биде испочитувано, затоа што политичките партии се договорија за одржување на парламентарни избори на 8 мај догодина.

Во Работната група која работеше на Изборниот законик не учествуваше опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Работната група за реформи во изборното законодавство беше формирана во април 2023 година. Тогаш, од Министерството за правда информираа дека нејзината задача е да се имплементираат препораките од ОБСЕ/ОДИХР, но и паралелно да се работи на сосема нов Изборен законик. Покрај политичките партии, покани да номинираат свои претставници добија и повеќе министерства и надлежни органи за спроведување на изборите процеси, синдикати и невладини организации.