Од Европската унија (ЕУ) се оптимисти дека Албанија ќе добие убави вести на Совет за општи работи на ЕУ кој ќе се одржи утре. За Северна Македонија, пак, работите ќе бидат појасни утре, брифираат високи претставници од Европскиот совет.
Албанија и Северна Македонија се во ист пакет на нивниот пат за интеграција во Унијата.
Двете земји лани во јули започнаа пристапни преговори со ЕУ, но за да се одржи втората меѓувладина конференција меѓу земјите кандидатки за членки и Унијата, Северна Македонија треба да го промени Уставот, а тоа досега не се случи.
Северна Македонија треба да усвои уставни измени со кои меѓудругото во Уставот ќе ги вметне и Бугарите, но на тоа се противи најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, а без нивна согласност Уставот не може да се промени.
Од Европскиот совет, кој носи одлука за отворање на пристапните преговори, брифираат дека сакаат да ги видат и двете земји, Албанија и Северна Македонија, како се движат по пристапниот пат. Но од Советот не кажуваа конкретно кога би се одржала втората меѓувладина конференција.
За повеќе информации повикуваа на стрпливост до утре, по завршувањето на Советот за општи работи на ЕУ, кога ќе може да кажат повеќе детали, односно кога ќе има „појасна слика“.
Европскиот совет одржа брифинг пред претстојниот Самиот на ЕУ - Западен Балкан, кој треба да се одржи в среда, на 13 декември.
Видете и ова: Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се сретнат со колегите од Западен Балкан во БриселВо процесот на проширување се вклучени сите земји од Западен Балкан, со тоа што само Косово нема кандидатски статус. Земјите од регионот се на различни нивоа во овој процес: Северна Македонија и Албанија чекаат отворање на преговорите, Србија и Црна Гора се веќе длабоко во пристапните преговори, а Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во декември 2022 година.
На заедничкиот самит на 13 декември Европската унија ќе побара од земјите од Западен Балкан целосно да ја почитуваат политиката на санкции против Русија. На Самитот треба да се усвои декларација за усогласување на политиките.
Одржувањето редовни годишни самити меѓу ЕУ и земјите од регионот стана практика од 2020 година. ЕУ, исто така, редовно ги поканува претставниците на овие земји на различни состаноци на министерско ниво.