Не смееме да го заборавиме Западен Балкан, порача потпретседателката на Владата на Словенија и министерка за надворешни и европски прашања, Тања Фајон, на средбата на министрите за надворешни работи на Европската унија (ЕУ).
Денеска (11 декември) во Брисел ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ и петте земји од Источното партнерство - Ерменија, Азербејџан, Грузија, Молдавија и Украина.
„Словенија го поддржува почетокот на пристапните преговори во ЕУ со Украина и Молдавија и доделувањето кандидатски статус на Грузија, но не смееме да заборавиме на Западен Балкан“, рече Фајон.
Во интервју за МИА пак на почетокот на декември таа рече дека оваа година е исклучително важна за проширувањето и оти очекува охрабрувачки извештаи на декемврискиот самит на ЕУ.
„Кон крајот на годината очекувам охрабрувачки извештаи, сакам да видам почеток на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, очекуваме пристапни преговори со Украина, Молдавија, понатаму со Грузија, и во овој контекст е клучно Северна Македонија а Албанија отвораат и започнуваат конкретни преговори со нова меѓувладина конференција“, рече Фајон.
Таа изјави дека проширувањето на ЕУ стана геостратешка неопходност.
„Ако погледнеме што се случува околу нас, руската агресија во Украина, конфликтот на Блискиот исток, ЕУ мора да биде силна, таа мора да биде обединета, ние имаме јасна обврска државите да се подготват за проширување до 2030 година. Од друга страна, јас и Словенија се стремиме земјите од Западен Балкан да бидат подготвени и способни да влезат во ЕУ“, рече Фајон.
Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен БалканНа почетокот на ноември беше објавено дека Европската Комисија препорачува отворање на пристапните преговори меѓу БиХ и ЕУ кога ќе се постигне потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Комисијата ќе поднесе извештај до Советот на ЕУ до март 2024 година за каков било напредок, се вели во официјалниот документ.
Министрите одговорни за европски прашања треба да ги усвојат овие заклучоци на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 12 декември.
Оваа условена препорака на Советот на министри на ЕУ за Босна и Херцеговина е во согласност со ставот на Европската комисија, која во овогодинешниот извештај условно препорача отворање на процесот за оваа земја.
Видете и ова: ЕК предложи отворање преговори за Украина и Молдавија, Грузија доби препорака за кандидатски статусЗа разлика од Босна и Херцеговина, Украина и Молдавија, според последните заклучоци, ќе добијат јасна препорака од Советот на ЕУ да одобри отворање на преговорите за членство за двете земји.
Одлуката за отворање на пристапните преговори е одговорност на највисокото политичко ниво, односно на Европскиот совет, кој го сочинуваат лидерите на сите земји-членки.
Тие ќе се сретнат на 14 и 15 декември кога ќе разговараат за препораките за пристапните преговори, со цел да се донесе формална одлука. Сепак, во фокусот на дискусијата ќе бидат Украина и Молдавија.