Членките на ЕУ бараат од Унгарија да не ја блокира поддршката за Украина

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и унгарскиот премиер Виктор Орбан, 10 декември 2023 година

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, во понеделникот ја повика ЕУ да ја засили поддршката за Украина, бидејќи Унгарија се заканува дека ќе стави вето на поголема помош за земјата разурната од војна на самитот оваа недела.

Стравувањата дека европската поддршка за Украина може да биде попречена растат во исто време кога поддршката на клучниот сојузник на Киев, САД, е доведена во сомнеж поради противењето на републиканците во американскиот Конгрес.

„Се надевам дека европското единство нема да биде поткопано, бидејќи ова не е моментот да ја ослабиме нашата поддршка за Украина“, рече Борел пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Лидерите на Европската Унија во четврток ќе одржат клучен состанок, пред кој унгарскиот премиер Виктор Орбан - најголемиот сојузник на Русија во ЕУ - се заканува дека ќе ја блокира помошта од милијарди долари и ќе ги одложи преговорите за членство на Киев во ЕУ.

Видете и ова: Дали парите ќе го „смират“ Орбан?


Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во понеделникот изјави дека би било „погубно“ и за Украина и за ЕУ доколку европските лидери не и дадат зелено светло на неговата земја за почеток на преговорите за членство на самитот.

„Не можам да замислам, дури и не сакам да зборувам за разорните последици што ќе настанат доколку Советот (ЕУ) не ја донесе оваа одлука“, изјави Кулеба за новинарите по пристигнувањето на состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен ја нарече позицијата на Унгарија „многу, многу несреќна“.

„Клучно е да продолжиме да и помагаме на Украина онолку долго колку што е потребно, не само заради Украина, туку и заради нас“, рече таа.

Европските дипломати веруваат дека Орбан ја запира поддршката за Украина за да изврши притисок врз Брисел да ослободи милијарди евра помош од ЕУ за Будимпешта, замрзнати поради спорот за владеењето на правото.

Латвискиот министер за надворешни работи Крисјанис Каринс рече дека позицијата на Унгарија е „предизвикувачка“.

„Во Европа, се соочивме со многу предизвици, внатрешни предизвици во минатото и секој пат ги надминувавме“, рече тој.

На овонеделниот самит ЕУ ги разгледува договорите за обезбедување дополнителна финансиска помош за Украина од 50 милијарди евра, дополнување на фондот за оружје на Киев со 5 милијарди евра и овозможување на Киев следната година да ги започне пристапните преговори.