Претседателот на Соединетите Држави, Џо Бајден во вторник (12 декември) ќе биде домаќин на својот украински колега Володимир Зеленски, со кого ќе има средба во Белата куќа. Бајден го повика Зеленски за „да ја нагласи непоколебливата посветеност на САД да го поддржат народот на Украина додека тие се бранат од бруталната руска инвазија“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
„Додека Русија ги засилува нападите со ракетни и беспилотни летала против Украина, лидерите ќе разговараат за итните потреби на Украина и за виталната важност од континуираната поддршка од САД во овој критичен момент“, додаде таа во изјавата.
Видете и ова: Зеленски вети пораз на Русија и праведен мирКабинетот на Зеленски на Телеграм објави дека украинскиот претседател ќе пристигне во Вашингтон на 11 декември и ќе се сретне со Бајден за време на работната посета која ќе опфати „низа состаноци и разговори“.
Клучни теми на посетата ќе бидат одбранбената соработка меѓу САД и Украина, „особено преку заеднички проекти за производство на оружје и системи за противвоздушна одбрана, како и координација на напорите на нашите земји во наредната година“, објави кабинетот на Зеленски.