Нобеловката Мохамади од затвор порача дека народот на Иран ќе ја победи авторитарната власт

Киана и Али Рахмани ја прифаќаат наградата во име на нивната притворена мајка Наргес Мохамади на церемонијата во Осло, Норвешка на 10 декември 2023 година

„Народот на Иран на крајот ќе го надмине авторитаризмот наметнат од владата која го загуби и легитимитетот и јавната поддршка“, рече овогодинешната добитничка на Нобеловата награда за мир, Наргес Мохамади од затвор во својот говор што го прочитаа нејзините деца во неделата во Осло.

Во октомври, норвешкиот Нобеловиот комитет и ја додели наградата за мир на Наргес Мохамади (51) за нејзината ненасилна борба „против угнетувањето на жените во Иран“ и за промовирање на човековите права за сите, што е многу јасна порака до лидерите во Техеран.

Нејзините деца, 17-годишните близнаци Киана и Али Рахмани, ја добија наградата, златен медал и диплома во неделата на церемонијата што се одржа во градското собрание во Осло, на која присуствуваа неколку стотици гости.

Паричниот дел од наградата изнесува 11 милиони шведски круни или нешто помалку од еден милион евра.

Видете и ова: Иранска активистка добитничка на Нобелова награда за мир

Во говорот што го напиша во озлогласениот ирански затвор Евин, Мохамади вели дека континуираниот отпор и ненасилството се најдобри стратегии за постигнување промени.

„Иранскиот народ ќе ја надмине репресијата и авторитаризмот со својата истрајност. Не се сомневајте во тоа, бидејќи тоа е сигурно“, рече таа во својот говор.

Застапничката за правата на жените издржува повеќекратни казни. Против неа се подигнати бројни обвиненија, вклучително и обвинението со кое се товари за ширење пропаганда против Исламската Република, откако последен пат беше уапсена во ноември 2021 година.

„Оваа порака ја пишувам од зад високи, студени затворски ѕидови“, навела таа во писмото. Меѓу другото, тaa пишува дека нејзиниот живот и животот на бројни активисти во Иран биле и остануваат континуирана борба „да се остане жив“.

Храбрата активистка на сцената во Осло беше симболично претставенa со портрет и празно столче.

Неколку лауреати на сличен начин беа спречени да присуствуваат на церемонијата од почетокот на доделувањето во 1901 година.