Зибери: Светот и понатаму се соочува со конфликти, милиони луѓе се раселени

Народниот правобранител Насер Зибери

Одредбите од Универзалната декларација за човековите права не се само отпечатени зборови, тоа се правците за движење на општествата. Секој има право да живее нормален живот, вели народниот правобранител Насер Зибери по повод 10 Декември, Денот на човековите слободи и права.

„Во годината во која одбележуваме 75 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човековите права, документ кој беше неминовен после најголемата траума која ја доживеа светот - Втората светска војна, сакам да упатам еден апел, една порака до сите чинители во општеството. Одредбите од оваа Декларација не се само отпечатени зборови. Тоа се правците за движење на општествата. Сторете максимални напори секој напишан збор да биде применет во секојдневниот живот, вели Зибери.

Државата, додава, постои заради граѓаните, а не обратно.

Видете и ова: Околу 1,8 милиони луѓе внатрешно раселени во Појасот Газа

Денес, нагласува дека и по 75 години, светот и понатаму се соочува со конфликти поради кои милиони луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, да живеат во нехумани услови.

„Посебно страдаат децата кои се на почетокот на својот живот и кои за жал заради нечии интереси не се во можност да го искусат сето она што се нарекува нормално детство - одење на училиште, семејни ручеци, вечери, дружење и слично. Затоа, светот мора да се обедини и под итно мора да ги реши овие конфликти“, истакнува Зибери во пораката.