Лога се надева на релативно брза екстрадиција на Палевски од Турција

Министерот за правда Кренар Лога го потпишува барањето за екстрадиција на Љупло Палевски - Палчо од Турција

Министерот за правда Кренар Лога се надева дека Љупчо Палевски - Палчо, кој е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, релативно брзо ќе биде екстрадиран од Турција во земјава. Сепак, како што вели Лога, рано е да се зборува бидејќи уште не се искористени сите правни лекови. Очекува претстојнава седмица Турција да ги земе нашите барања во постапката.

„Многу е рано да се зборува за што било како што кажавме и пред два дена. Релативно брзо ние очекуваме да биде испратен во Македонија, но треба да видиме дали ќе ги искористи сите правни лекови и дали системот во Турција ќе дозволи тоа да биде на начин како што ние побаравме. Испратени се документи неколку пати - преку ДХЛ, по електронски пат, преку нашето МНР и Амбасадата. Така што, верувам од понеделник натаму сите овие наши барања ќе бидат преземени во натамошната постапка во Турција“, изјави Лога.

Видете и ова: Министерство за правда го испрати барањето за екстрадиција на Палчо

Министерството за правда во четвртокот (7 декември) го испрати барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски. Од Министерството пред два дена соопштија дека оригинал документ е испратен по ДХЛ до Министерството за правда на Република Турција и во скенирана верзија е пратен и до Интерпол.

Барањето за екстрадација што министерот Лога го потпиша завчера доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела - „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.

Видете и ова: Палчо - од сомнителен градежник, нереализиран политичар, до осомничен убиец

Палевски, по кого имаше меѓународна потерница, е фатен во турскиот град Баликесир и е почната постапка да му се определи екстрадициски притвор. Тој бил однесен со автомобил во Србија, а оттаму преку Бугарија во Турција. Му помогнале две лица кои го превезувале со нивните возила - еден го однел во Србија, а друг од Србија во Бугарија.

Убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска предизвика шок и вознемиреност меѓу јавноста во Северна Македонија и пошироко на Балканот.