Актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери се заблагодари на номинацијата од ДУИ да биде премиер на техничката влада сто дена пред парламентарните избори што треба да се одржат следната година.
Тој вели дека ќе ја извршува функцијата со почит и одговорност.
„Ми претставува особена чест за доделената доверба од партиските органи и секако можам да кажам дека и оваа функција со должно почитување и соодветна одговорност ќе биде спроведена од моја страна како одговор од поддршката искажана од партиските органи, а пред сè од граѓаните на Република Северна Македонија“, изјави Џафери вечерта на 8 декември.
Видете и ова: Талат Џафери ќе биде премиер сто дена пред избори
Одлуката на ДУИ, Џафери да биде премиер во техничката влада ја соопшти партискиот портпарол Бујар Османи по одржаниот состанок на Претседателството на интегративците попладнето на 8 декември.
Според договорот што беше постигнат на лидерската средба на 4 декември, парламентарните избори треба да се одржат на 8 мај 2024 година. Во ист ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, додека првиот круг за избор на шеф на државата треба да се одржи на 24 април.
Со вака договорените датуми, техничката влада што ќе ја предводи Џафери треба да стапи на должност на 28 јануари, а еден месец подоцна Собранието ќе ги распише изборите.
Во владиниот кабинет на Џафери со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација) предвидено е да биде застапена опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Кои ќе бидат кадрите на опозициската партија сè уште не е познато.
Видете и ова: На 8 мај ќе се гласа на двојни избори – падна договор на лидерскатаДоговорот сто дена пред избори да има премиер Албанец предложен од ДУИ беше постигнат помеѓу претседателот на оваа партија Али Ахмети и поранешниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев по парламентарните избори 2020 година кога двете партии договорија коалиција за формирање влада. Наследникот на Заев во СДСМ и во Владата, актуелниот премиер Димитар Ковачевски, пак, неколку пати во својот досегашен мандат посочи дека ќе го испочитува договореното.