Актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, ќе биде премиерот кој сто дена пред избори ќе ја предводи техничката влада.
Одлуката за тој да биде премиер ја донело Централното претседателство на Демократската унија за интеграции (ДУИ) на состанок одржан денеска (8 декември) во Тетово.
Актуелниот министер за финансии Фатмир Бесими, пак, со одлука на партиското раководство, ќе биде шеф на изборниот штаб за изборите во 2024 година.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, соопшти и дека интегративците го овластиле лидерот Али Ахмети да ги продолжи разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарни избори.
Договорот сто дена пред избори да има премиер Албанец од ДУИ го постигнаа Али Ахмети и поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев заедно со договорот за коалицирање по парламентарните избори во 2020 година. Наследникот на Заев, Димитар Ковачевски, пак, досега неколку пати посочи дека ќе го почитува договореното.
Парламентарните избори следната година, според договорот на лидерската средба одржана на 4 декември, ќе се одржат на 8 мај. Истиот ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, откако првиот ќе се одржи на 24 април.
Ова значи дека техничката влада на чело со Џафери ќе стапи на должност на 28 јануари, а изборите ќе се распишат на 28 февруари.
Видете и ова: На 8 мај ќе се гласа на двојни избори – падна договор на лидерскатаВо техничката влада со министри за внатрешни и за труд и социјална политика, како и тројца заменици (за финансии, за земјоделство и за информатичко општество и администрација) предвидено е да биде застапена опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Кои ќе бидат кадрите на опозициската партија сè уште не е познато.
Подготовките за изборите, освен ДУИ, ги започнаа и останатите политички партии. По лидерската средба на 4 декември, премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски соопшти дека неговата партија ден претходно одржала седница на Извршниот одбор и започнала иницијатива за формирање широк европски фронт. Исто така, започната е и постапка за избор на претседателски кандидат.
Ковачевски тогаш ги повика во фронтот да се приклучат сите партии, општествени чинители, невладини итн. Но, кога зборуваше за широка коалиција не беше прецизен во одговорот дали мисли на условно помалите партии или на ДУИ и Алијанса за Албанците, туку порача дека во „неа е отворен просторот за сите партии“.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, пак, на 5 декември одлучи да формира Републички изборен штаб со кој ќе раководи лидерот Христијан Мицкоски, а негова заменик ќе биде партискиот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски.
На 2 март 2024 година во Скопје, партијата ќе одржи изборна конвенција на која ќе го избере претседателскиот кандидат.
Опозициските партии од албанскиот блок, пак, најавија заеднички настап на изборите. Станува збор за Изет Меџити (Демократско движење), Билал Касами (Беса) и Африм Гаши (Алтернатива), кои се обединија во заеднички блок под називот Европски сојуз за промени.