Во Белград забранет собир за поддршка на Палестинците, се жалат организаторите

Собир во Белград за поддршка на палестинскиот народ во Газа на 12 ноември 2023 г.

Иницијативата „Поддршка на народот на Палестина – Србија“ на 8 декември објави дека од безбедносни причини полицијата забранила собир за поддршка на Палестинците во Газа кој беше планиран за 10 декември во Белград.

Во соопштението на Иницијативата се наведува дека собирот бил закажан пред Владата на Србија, со планиран марш до амбасадите на Израел и САД.

Организаторите претходно најавија дека меѓу другото ќе побараат од српската Влада да ги прекине сите дипломатски и економски односи меѓу Србија и Израел.

„Ова би бил трет митинг за поддршка на народот на Палестина што се одржува во Белград“, се наведува во соопштението, во кое се нагласува дека на претходните собири немало насилство или вандализам.

Видете и ова: Собири во регионов за поддршка на палестинскиот народ

Во соопштението се наведува дека Иницијативата поднела жалба на решението на полицијата.

Од српското Министерство за внатрешни работи не одговорија на прашањата на РСЕ за забраната на овој собир.

Милитантната група Хамас, прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, ја започна војната со Израел со извршување на смртоносни напади во јужен Израел на 7 октомври, при што борците на палестинската група убија речиси 1 200 луѓе и зедоа 240 заложници.

Израел одговори со напади врз Газа, а претставници на Хамас во оваа енкалва тврдат дека Израел убил повеќе од 17 177 луѓе во својата одмазда.