Обвинителка од Прилеп со семејството била мета на демнење и закани по живот

Прилеп

Обвинителка од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп заедно со нејзиното семејство била мета на закани и демнење на интернет поради што е поведена постапка против едно лице за три кривични дела.
Осомничениот се гони за полово вознемирување, загрозување на сигурноста и демнење.

„Во текот на ноември, осомничениот на својот Фејсбук профил во повеќе наврати поставувал текстуални објави и вклучувања во живо со кои се заканувал дека ќе нападне врз животот на основната јавна обвинителка на ОЈО Прилеп и членови на нејзиното најблиско семејство. Намерата му била да ја вознемири и да ја исплаши, а врз основа на пол, личен, семеен и општествен статус на оштетената како јавен обвинител“, велат од ОЈО Прилеп.

Осомничениот на социјалната мрежа објавувал приватни и семејни фотографии на обвинителката, директно праќал пораки со вознемирувачка содржина кај нејзината ќерка со што, смета обвинителството, предизвикал непријатност, навреденост и страв.

Станува збор за лице кое веќе е осудувано за загрозување на сигурноста, а против него последниот период се поднесени и повеќе кривични пријави.

Поради тоа обвинителството смета дека тој може да го повтори делото, но и да избега, па побарало, а прилепскиот суд прифатил и му одредил мерка притвор во траење од осум дена.