Нови руски напади врз повеќе украински региони

Руски бомбардери (архива)

Русија утрово на 8 декември започна нов бран ракетни и напади со беспилотни летала врз неколку украински региони при што загинало најмалку едно лице, неколку се ранети, а предизвикана е и значителна штета на цивилна и енергетска инфраструктура, објавија украинските сили и регионалните гувернери.

Предупредувања за воздушен напад беа испратени рано наутро во Киев и повеќе други региони, како: Черкаси, Кировохрад, Херсон, Миколајев, Чернихивм Полтава, Днепропетровск, Запорожје, Доњецк, Харков и Суми.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека утрото собориле 14 од вкупно 19 крстосувачки ракети лансирани од Русија на територијата на Украина.

„Дел од непријателските проектили гаѓаа инфраструктурни објекти во (југоисточниот) регион Днепропетровск“, соопштија воздухопловните сили.

Видете и ова: Навални- Путин ако победи ќе ја уништи Русија

Втората група проектили, според наведеното во соопштението, кога стигнале до Днепро го смениле правецот на движење кон Киев.

Регионалниот гувернер на Днепропетровск, Сергеј Лисак, на Телеграм објави дека руски проектил го погодил градот Павлорад во оваа област при што загинало едно лице, а четворица се ранети.

Над Павлорад и Синелик, тврди тој, биле соборени пет дронови.

Противвоздушната одбрана во одделно соопштение извести дека седум беспилотни летала од Иран го гаѓале регионот Днепорпетровск.

Кон Харков, пак, биле лансирани шест ракети. Регионалниот гувернер Олег Синјехубов на Телегам наведе дека во ракетниот напад биле ранети две лица, а била причинета штета на станбената инфраструктура, како и на едно училиште.

Во областа Купјанск, исто така во регионот Харков, уште три лица биле ранети, а една станбена зграда е оштетена, вели гувернерот.

Украина се подготвува за втора долга зимна од војната со Русија во услови на интензивни борби на истокот од земјата, особено околу индустрискиот град Авдијивка во регионот Доњецк.

Кај овој град, според извештајот на украинската војска од утрово, украинските сили одвратиле 30 руски напади во последните 24 часа.

Руските сили веќе неколку недели се обидуваат да го опколат Авдијевка, кој стана најновиот симбол на украинскиот отпор.

Видете и ова: Украина: Убиениот поранешен пратеник бил обезбедуван од руските власти

Овој град остана во рацете на Украина дури и откако Русија во 2014 година зазеде големи делови од регионот Доњецк, вклучувајќи го и истоимениот град, кој се наоѓа на оддалеченост од само 10 километри јужно.

Како што надоаѓа студената зима, украинските власти побараа од луѓето да штедат енергија откако електрана во близина на линијата на фронтот беше погодена од гранатирањата предизвикувајќи сериозна штета и онеспособувајќи две енергетски единици во неа.

Министерството за енергетика соопшти дека поради стопирањето на двата блока и зголемената побарувачка има привремен недостиг на електрична енергија. Оттаму апелираа до потрошувачите да им помогнат на енергетските работници така што ќе ја користат електричната енергија „мудро и економично“.