Азербејџан ослободи 32 ерменски војници на 7 декември, додека Ерменија ослободи двајца Азербејџанци, се вели во заедничката изјава на двете земји во која се наведени други „опипливи чекори“ кон градење доверба.
Во соопштението објавено од кабинетот на ерменскиот премиер и администрацијата на претседателот на Азербејџан се вели дека двете страни гледаат на ослободувањето на затворениците како „водено од хуманитарните вредности и како манифестација на добра волја“.
Видете и ова: Ерменскиот премиер тврди дека Баку и Ереван „сè уште зборуваат различни дипломатски јазици“ во мировните разговориВо него е посочено дека постои историска можност да се постигне долгоочекуваниот мир.
„Двете држави ја потврдуваат својата намера да ги регулираат односите и да постигнат мировен договор заснован на почитување на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, се вели во соопштението.
Во друг гест на добра волја, Ерменија ја изрази својата поддршка за кандидатурата на Азербејџан да биде домаќин на Сесијата на Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени (COP29) следната година и ја повлече сопствената кандидатура.
Ерменија и Азербејџан ќе продолжат со дискусиите за спроведување на повеќе мерки за градење доверба, се вели во соопштението.
Тие, исто така, ја повикуваат меѓународната заедница да ги поддржи нивните напори, кои според нив ќе придонесат за градење на меѓусебната доверба меѓу двете држави и ќе имаат позитивно влијание врз целиот Јужен Кавказ.
Азербејџан и Ерменија преземаа прелиминарни чекори кон формален мировен договор откако Баку ја врати контролата врз отцепениот регион Нагорно-Карабах во септември, што резултираше со егзодус на етничките Ерменци од регионот.
Преговарачите од двете земји минатата недела водеа состанок на комисиите за разграничување на границите на нивните нации и се согласија да ги интензивираат идните разговори за ова прашање, што беше уште еден фокус на прелиминарните дискусии.