Агелер: Лицата на „црната листа“ може да изразат незадоволство, но сакцијата останува

Американската амбасадорка во Скопје Ангела Агелер, архивска фотографија

Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на американската „црна листа“ можат да пријават незадоволство, но во секој случај САД има најавено санкција, одговори на новинарско прашање американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер за најавената жалба на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев дека ќе ја обжали одлуката на Стејт Департментот.

Во вторникот Стејт Департментот објави дека го означува Кочо Анѓушев како генерално неподобен за влез во Соединетите Американски држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција.

Таа при посета на Криволак повтори дека листата ќе се проширува со нови лица.

„Има различни етапи и различни начини на кои луѓето кои се наоѓаат на „црната листа“ можат да пријават незадоволство, но во секој случај ние имавме најавено санкција. Оваа санкција е воведена и ова не е нешто што лесно го прифаќаме и лесно го спроведуваме, но сепак ги следиме позитивните законски прописи на САД при воведувањето на ваквите санкции. Сите ве уверувам дека ќе има и други имиња. Нема конкретна временска рамка кога ќе се објават“, изјави Агелер, додавајќи дека во земјава има епидемија на корупција, која треба да биде спречена.

Видете и ова: По забраната за влез во САД, Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта


„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси,“ беше наведено во соопштението објавено од Стејт департментот.

Агелер се огласи истиот ден преку социјалната платформа X,порано позната како Твитер, нагласувајќи дека именувањето на Кочо Анѓушев е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.

Ќе следуваат повеќе назначувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. На крајот на краиштата, останува на функционерите и граѓаните на оваа земја да побараат одговорност и промени, напиша Агелер тогаш на платформата Х.

Видете и ова: Стејт Департмент: Забрана за влез на Кочо Анѓушев во САД


Анѓушев, пак, во соопштение до медиумите ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката. Тој, исто така, посочува дека има фирми и во САД, и како што вели, е американски даночен обврзник.

Во меѓувреме малтешкото Министерство за надворешни работи му ја прекина функцијата почесен конзул на Малта на поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев, поради неговото поместување на „црната листа“ на САД, објави „Тајмс оф Малта“.

Портпаролот на малтешкото МНР во изјава за „Тајмс од Малта“ истакнал дека Министерството никогаш не добило никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.

„Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување, што веднаш стапува во сила и внимателно ги следи најновите случувања“, изјавил тој.

Анѓушев, пак, денеска преку соопштение и се заблагодари на, како што вели пријателска Малта за честа да биде почесен конзул, но наведува дека со оглед на одлуката на Стејт департментот, со која не се согласува, но ја цени и прифаќа, смета дека не е во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име.