Очите на целата јавност, не само македонска, туку и во регионот, се кон убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Вања се бараше како исчезната, за по 7 дена да биде пронајдена мртва. Осомничени и уапсени има петмина. Но, има и многу нејаснотии, многу шпекулации, собирање политички поени... Главен осомничен е Љупчо Палевски - Палчо, поранешен градежник и актуелен политичар. Фатен е во бегство, во Турција и се чека негова екстрадиција во С. Македонија.
Во сенка на грозоморното убиство падна договор за датум за претседателски и парламентарни избори, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев доби забрана за патување во САД, почна амандманската расправа за Буџетот, заврши скрининг процесот за Северна Македонија со ЕУ, македонското образование доби потпросечна оценка, партиите се јадосуваа треба или не треба техничка влада...
Сето тоа ја стави државата на тест, сите нас под лупа - полицијата и Обвинителството за случајот со Вања, антикорупционерите за случајот со Анѓушев, пратениците за буџетот, образованието заради потпросечната оценка за писменоста на македонските средношколци, партиите за ветувањата...
Корупцијата е проблем број еден и ја истисна невработеноста на листата како најголем проблем на граѓаните, покажува истражувањето за проценка на корупцијата, изработено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Корупцијата во 2023 и во 2021, според граѓаните, е најголем општествен проблем. Претходно, пак, во 2019 и во 2018 на прво место била невработеноста. Невработеноста во изминатите години е намалена и сега изнесува 13 отсто, но стапката на невработени млади се уште е висока и изнесува 26 проценти и е највисока во регионот.
Власта ниту еден посто не го есапи здравјето на граѓаните
За власта заштитата на животната средина е меѓу најмалку приоритетните прашања според распределбата на парите во Буџетот за следната година. Еко-активистите укажуваат дека за Владата не се битни ниту анализите на Европската агенција дека во 2021 поради загаден воздух во Северна Макеоднија починале 5.600 луѓе.
Во земја која е меѓу најзагадените во Европа, само 0,8 проценти се предвидени за заштита на животната средина од вкупниот Буџет на државата, што е далеку од доволно за да се решат еколошките проблеми, велат еко – активистите, додека граѓанските организации објавија анализи со податоци на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) кои покажуваат дека во 2021 година над 5.000 луѓе во Северна Македонија предвремено ги загубиле животите само од загадениот воздух.
Украина, Газа, Исламска држава...
Европските безбедносни служби се соочуваат со оживување на терористичките закани бидејќи Брисел предупредува на огромен безбедносен ризик во текот на претстојните празници. Предупредувањето е одраз на порастот на антисемитизмот и зголемената поларизација во светот поради нападот на Хамас на 7 октомври и одмаздата на израелската армија во Газа, пишуваат светските медиуми.
Во меѓувреме, американскиот Сенатот на 6 декември го блокираше барањето на Белата куќа за итна помош од 106 милијарди долари, пред се за Украина и Израел, бидејќи републиканците се спротивставија на недостигот на имиграциските реформи во законот. Тоа се толкува и како пораз за Џо Бајден, кој пред Конгресот предупреди дека „Путин ќе се охрабри да зграпчи повеќе територија, ако е победник на бојното поле“.
Во Газа, Израел ја засили офанзивата кон јужниот дел. Палестинците обвинуваат дека се гаѓаат цивилни цели, а од Обединетите нации стаса порака дека „Палестинците во Појасот Газа живеат во апсолутен, продлабочен терор“.
За да стане Скопје град без улични кучиња потребни се 5 до 7 години, но ако се обединат и властите и активистите и ветеринарната фела и направат стратегија за решавање на овој проблем, вели ветеринарот д-р Димче Велковски во поткасот „Зошто?“ на РСЕ. Најпрво треба да се пребројат кучињата и да се крене свеста кај граѓаните, додава тој.
За да ја слушнете најновата епизода од поткастот „Зошто?“ кликнете овде.