Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заблагодари на Јапонија за нејзиното ветување за дополнителна помош од една милијарда долари, велејќи дека средствата ќе обезбедат „значајна поддршка“.
Јапонското ветување доаѓа неколку часа откако американскиот Сенат го блокираше барањето на Белата куќа за доделување околу 60 милијарди помош за Украина.
Ова гласање во Сенатот претставува значителен пораз за претседателот Џо Бајден, кој претходно во својот говор го повика Конгресот да одобри дополнителна воена помош за Украина што е можно поскоро, предупредувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе биде охрабрен да заземе повеќе територии доколку победи на бојното поле.
„Ако Путин ја земе Украина, тој нема да застане тука. Тој тоа прилично јасно го кажа“, рече Бајден во телевизиското обраќање на 6 декември, предупредувајќи дека Путин може да се обиде да испрати војници во земјата на НАТО, ако ја преземе Украина.
Меѓутоа, републиканците го блокираа барањето од 106 милијарди долари, кое вклучуваше и средства за Израел, Тајван и поддршка за јужната граница на САД, велејќи дека законот нема реформи за имиграцијата.
Видете и ова: Американскиот сенат ја блокираше помошта за Украина и ИзраелЗеленски претходно оваа недела го откажа состанокот со американските пратеници бидејќи се зголемија сомневањата дека предлогот за нова рунда помош ќе биде одобрен.
Од друга страна, Јапонија вети дека ќе го зголеми вкупниот пакет помош на дури 4,5 милијарди долари. Украина се подготвува за втора долга зима на војна со Русија во услови на интензивни борби на исток, особено околу индустрискиот град Авдијивка во регионот Доњецк.
Неколку недели руските војници се обидуваат да го опколат градот во источниот регион на Доњецк, кој стана најновиот симбол на украинскиот отпор.
Авдијивка остана во рацете на Украина дури и откако Русија зазеде големи делови од регионот Доњецк во 2014 година, вклучувајќи го и градот Доњецк, кој се наоѓа на само десет километри јужно.
Обединетите Нации на 6 декември предупредија дека Москва ги засилува нападите врз енергетската инфраструктура на Украина бидејќи земјата ја зафати обилните снежни врнежи и ниските температури.