Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев повеќе не е почесен конзул на Малта. Оваа функција на која што беше именуван во 2021 година, му е прекината од страна на Министерството за надворешни работи на Малта, откако пред два дена Стејт департментот соопшти дека на Анѓушев му се забранува влез во Соединетите Држави, „поради вмешаност во значителна корупција“.
„Со оглед на ваквите случувања, Министерството го прекинува неговото назначување со непосреден ефект и внимателно ги следи најновите случувања“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Малта во изјава која ја пренесува весникот „Times of Malta“.
Портпаролот додава дека тие никогаш не добиле никакви негативни информации за Анѓушев од неговото назначување во 2021 година.
Анѓушев вели дека во текот на вчерашниот ден лично го информирал министерот за надворешни работи на Малта за новонастанатата состојба. Преку соопштение до јавноста, тој и се заблагодари на Малта за мандатот и честа да биде почесен конзул, но како што вели, „не можам да бидам конзул со сенка врз моето име“.
„Со оглед на одлуката на почитуваниот Стејт Департмент кон мене, со наводи со кои јас не се согласувам, но ги ценам и прифаќам како одлука, сметам дека не сум во можност, ниту пак Малта треба да има почесен конзул со сенка врз неговото име, колку и да е таа неоправдана. Се додека овие наводи не се преиначат, јас не сакам и не можам да се застапувам во име на било која држава или институција. Одлуката за ограничување на влез во САД е нешто што се однесува лично на мене и со тоа прашање треба да се носам јас лично, без за тоа да имаат негативни последици пријателски држави, личности, бизнис-соработници или институции“, пишува во реакцијата на Анѓушев.
Видете и ова: Стејт Департмент: Забрана за влез на Кочо Анѓушев во САД
Анѓушев беше на чело на конзулатот на Малта во Скопје од октомври 2021 година по одобрение од владата на Малта.
Одлуката на САД да му забрани влез на Анѓушев, денеска ја коментираше и премиерот Димитар Ковачевски. Тој вели дека наводите на Стејт департментот се сериозни и дека институциите треба да го проверат она што е наведено од американските власти.
Ковачевски рече дека Анѓушев никогаш не бил член на СДСМ, ниту пак се чуствувал како член на СДСМ.
„Јас колку што знам тој беше предлог на Стопанската комора на Македонија и нејзиниот претседател. Треба да биде јасно дека меѓународните институции и нашите стратешки партнери, каде што број еден се САД, врз однос на свои наоди ги носат овие одлуки, меѓутоа од друга страна и нашите институции имаат обврска да реагираат и да испитуваат за секој случај без никакво влијание во однос на сите водени постапки и во однос на нивната законитост за работењето на кој било функционер“, изјави Ковачевски.
Инаку во соопштението пак на Стејт департментот за одлуката да му се забрани влез на Анѓушев во САД се наведува дека „додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и во јавни процеси“.
По ова Анѓушев реагираше со соопштение во кое тврди дека „нема никаква основа за ограничување на неговиот влез во САД“. Тој ги негираше сите сомневања изразени во документот објавен од Стејт Департментот и рече дека ќе ја обжали одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука.
Анѓушев беше вицепремиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од Зоран Заев, како премиер. Анѓушев e сопственик и извршен директор на групацијата „Феро Инвест“и фабриката „Брако“. Американското економско списание Форбс во 2014 го прогласи Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.