Меѓународната полициска организација (Интерпол) распишала потерница по Милан Радоичиќ поради настаните во Бањска, потврди косовскиот министер Ненад Рашиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тој додаде дека потерницата е издадена врз основа на барањето на Министерството за внатрешни работи на Косово, преку УНМИК (Привремената административна мисија на Обединетите Нации во Косово), бидејќи Косово не е членка на Интерпол.
Радоичиќ ја презеде одговорноста за нападот во Бањска на 24 септември, кога беше убиен полицаецот Африм Буњаку. После тоа, во размена на оган со косовската полиција загинаа уште тројца српски напаѓачи кои биле дел од вооружената група.
Видете и ова: Фирми, хотели и милиони евра: Богатството на Милан Радоичиќ во СрбијаОткако ја презеде одговорноста, Радоичиќ поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која ја има поддршката од Белград. Тој преку својот адвокат изјавил дека „лично“ го организирал нападот и сите логистички подготовки и дека никого не известил за таквите планови.
Но, косовските власти тврдат дека зад нападот во Бањска стои и државата Србија, што официјален Белград го демантираше.
Радоичиќ беше приведен од српската полиција на 3 октомври во Белград под обвинение за „здружување заради извршување кривични дела, недозволено изработување, држење, носење и тргување со огнено оружје и експлозивни материи и тешки кривични дела против општата безбедност“.
Видете и ова: Милан Радоичиќ сослушан во српското обвинителството, негираше винаНо, еден ден подоцна бил ослободен со услов да не ја напушта Србија и му било забрането да оди на Косово. Деновите по нападот, косовската полиција пронајде голем арсенал оружје во Бањска. Меѓународната заедница остро го осуди овој напад, побара истрага и напаѓачите да бидат изведени пред лицето на правдата.