Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач на земјава со ЕУ, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Брисел ќе присуствуваат на билатералниот состанок со Европската комисија по „Поглавјето 31 – Заедничка надворешна и безбедносна политика“ од Кластерот 6, со чие затворање земјава го завршува скрининг процес со Унијата.
Завршниот скрининг по Кластерот 6 започна вчера (6 декември) со делот по „Поглавјето 30 - Надворешни односи“, во чии рамки воведно обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски, кој порача дека Северна Македонија има највисок степен на трговска отвореност во регионот на Западниот Балкан и нема да бара преодни периоди, туку во целост ќе го прифати правото на ЕУ.
Со затворањето на овие две поглавја официјално завршува скрининг процесот, што започна на 15 септември минатата година и во чии рамки се одржаа објаснувачки и билатерални состаноци за сите 33 поглавја од преговарачкиот пакет, кои се поделени во шест кластери. Во овој период во Брисел беа одржани 850 презентации, на кои присуствува 206 различни институции од земјава и приближно 1000 учесници.
Видете и ова: Правосудството и јавната администрација - лоши стартери во преговорите со ЕУОценка за реализацијата на скрининг процесот даде и Европската Комисија во годишниот Извештај за напредокот на земјава на европскиот пат, констатирајќи солидно ниво на усогласеност на нашето со европското законодавство.
По завршувањето на скрининг процесот следува изработката на патоказите, кои се наша обврска од Преговарачката рамка и се услов за отворање на првиот кластер. Станува збор за патокази за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и за функционирањето на демократските институции, како и Акциски план за заштитата на припадниците на малцинствата и заедниците.
Земјава веќе доби покана од ЕУ за изработка на патоказите за првиот кластер.