Вучиќ - Mожно e Охридскиот договор да биде услов за прием на Србија во ЕУ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека постои можност Охридскиот договор да стане дел од преговарачкото поглавје 35, со тоа и услов за прием на Србија во Европската унија (ЕУ).

Поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и Европската унија ги вклучува односите со Косово.

Охридскиот договор предвидува Србија да ги признае државните симболи на Косово, да не се противи на членството на Косово во меѓународните организации и дека страните меѓусебно го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитет.

Вучиќ додаде дека за Србија „приемот на Косово во Обединетите нации не доаѓа предвид“.

Видете и ова: Обврските од договорот во Охрид се дел од европскиот пат за Косово

„За ова ги запознав Французите, Германците, Италијанците, сите Европејци, Американци. Сите знаат сè“, изјави Вучиќ за неделникот НИН.

Како што претходно напиша Радио Слободна Европа (РСЕ), ЕУ и формално ќе побара од Европската комисија да ги вклучи обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел.

„Советот бара од Комисијата и од високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“, се вели во нацрт-заклучоците, до кои РСЕ имаше увид.

Овие заклучоци ќе ги усвојат министрите за европски прашања на состанокот на Советот за општи работи на 12 декември. Истите заклучоци потоа ќе ги потврди и Европскиот совет на самитот на европските лидери што ќе се одржи на 14 и 15 декември.

Видете и ова: ЕУ бара Охридскиот договор да се вклучи во преговарачката рамка за Србија

ЕУ редовно предупредува дека брзината на пристапниот процес со Србија зависи од напредокот во дијалогот за нормализација на односите.

Србија и Косово на 27 февруари постигнаа договор за патот кон нормализација на односите.

На 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.

Белград и Приштина не го потпишаа договорот, ниту анексот за спроведување затоа што српскиот претседател Александра Вучиќ одби тоа да го направи.

Косово прогласи независност во 2008 година, што Србија не ја признава.