Вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење, Славица Грковска, во врска со ставањето на забрана за влез во САД на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, рече дека главната обврска е на домашните институции, но додаде дека секоја помош од меѓународните институции, особено од пријателски држави акко САД, е добредојдена.
„Очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата. Веќе предложивме и тоа помина на Влада да се направат измени во Законот за рестриктивни мерки, при што покрај санкциите од ЕУ и ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, изјави Грковска.
Стејт Департментот на 5 декември му забрани влез во САД на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анќушев, како што беше наведено „поради вмешаност во значителна корупција“.
Видете и ова: Стејт Департмент: Забрана за влез на Кочо Анѓушев во САДСтејт Департментот им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.
„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и во јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението објавено на интернет страницата на Стејт Департментот.
Во соопштението пишува дека и оваа ознака за Анѓушев „ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.
По оваа информација, Анѓушев соопшти дека „нема никаква основа за ограничување на неговиот влез во САД“.
„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Ивановска: Владата во 2019-та не призна судир на интереси кај АнѓушевАнѓушев беше вицепремиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од Зоран Заев, како премиер.
Анѓушев e сопственик и извршен директор на групацијата „Феро Инвест“и фабриката „Брако“.
Американското економско списание Форбс во 2014 го прогласи Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.