Во Србија почна печатењето на гласачките ливчиња

Илустративна фотографија - избори во Србија.

Печатницата на Јавното претпријатие „Службени гласник“ во Белград почна да печати гласачки ливчиња за вонредните парламентарни избори закажани за 17 декември, објави Бета.

Републичката изборна комисија (РИК) соопшти дека бројот на испечатени гласачки ливчиња ќе биде еднаков на бројот на избирачи, 6.500.165.

Гласачките ливчиња ќе бидат во боја на светла кајсија.

За учество на вонредните парламентарни избори пријавени се 18 листи со вкупно 2.817 кандидати предложени за 250 пратенички места.

Видете и ова: „Националните“ теми доминантни во предизборната кампања во Србија

Претседателот на РИК Владимир Димитријевиќ изјави дека ќе се гласа на вкупно 8.273 избирачки места, од кои 29 ќе бидат во институции за извршување на кривични санкции, а 81 во странство во 35 земји.

Вонредните избори на 17 декември беа распишани на барање на некои опозициски партии, по неколкумесечните протести на граѓаните и политичките активисти ширум Србија.

Тие беа незадоволни од одговорот на државата за двете масовни убиства на почетокот на мај во Белград и околината на Младеновац, во кои загинаа 19 лица, главно деца.