ОН - Палестинците во Газа живеат во „апсолутен продлабочен терор“

Чад се издига над зградите во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, додека битките меѓу Израел и милитантите на Хамас продолжија на 5 декември 2023 година.

Палестинците во Појасот Газа живеат во „апсолутен, продлабочен терор“, изјави шефот на Обединетите нации за човекови права.

Волкер Турк рече дека во такви „апокалиптични“ хуманитарни околности, постои висок ризик од извршување на злосторства.

Тој повика на итен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.

Турк рече дека 1,9 милиони, од 2,2 милиони луѓе кои живеат во палестинската енклава, се раселени и се „набиени во уште помали и екстремно пренаселени места во јужниот дел на Газа, во нехигиенски и нездрави услови“.

„Во овие околности постои зголемен ризик од злосторства“, рече Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации.

Видете и ова: Сведоштво од Газа: Во болница живеевме 38 дена

ОН соопштија дека 600.000 луѓе се под наредба за евакуација во јужниот дел на Газа во услови на жестоки борби - од кои речиси половина веќе биле принудени да ги напуштат своите домови

Шефот на агенцијата на ОН за палестинските бегалци вели дека тие „немаат каде да одат“ бидејќи засолништата се исполнети „над капацитетот“.

Израел во вторникот на 5 декември соопшти дека неговите војници стигнале до „срцето на Кан Јунис“ - најголемиот град на југот - во „најинтензивниот“ ден на борби во неговата копнена операција.

Израел верува дека лидерите на Хамас можеби се кријат во градот - при што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистираше на тоа дека единствениот начин да се победи војната е со „уништувачка сила“.

Видете и ова: Нетанјаху вели дека во моментов нема можност останатите заложници да си дојдат дома

Во нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври загинаа 1.200 луѓе, а околу 240 беа земени како заложници.

Оттогаш, Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас, вели дека повеќе од 15.800 луѓе се убиени во кампањата на Израел за одмазда, вклучувајќи и околу 6.000 деца