Израел бара Црвениот крст да има пристап до заложниците во Газа

илустрација

Израелската армија денеска побара Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да добие пристап до киднапираните Израелци и странци кои ги држи како заложници радикалната организација Хамас во Газа.

„Секоја минута во заробеништво ги доведува во опасност животите на заложниците“, изјави воениот портпарол Даниел Хагари, оценувајќи дека меѓународната заедница мора да дејствува.

„Меѓународните организации знаат кој е нивниот мандат и ги знаат и фактите, Хамас ги спречува да ја вршат својата работа“, додаде портпаролот.

Израел ја критикува МКЦК, која на крајот на ноември соопшти дека не знае каде се заложниците и дека не може да дојде до нив бидејќи нема договор со киднаперите.

Хагари изјави дека „138 заложници, деца, жени и стари лица се во рацете на Хамас повеќе од 60 дена во брутални и нехумани услови“, дека некои имаат хронични заболувања, некои се ранети за време на нападот и дека „секоја минута е клучна“.

Околу 240 Израелци и странци беа насилно однесени во Појасот Газа од страна на палестинските екстремисти на 7 октомври за време на нападот врз јужен Израел во кој загинаа повеќе од 1200 луѓе, главно цивили.

Израелската армија веднаш одговори со жестоко бомбардирање на Појасот Газа, а подоцна, на 27 октомври, со копнени операции.

Видете и ова: Франција воведе санкции за шефот на Хамас во Газа

Во меѓувреме, израелските медиуми објавија дека едно од најголемите складишта на оружје е пронајдено за време на воена операција на северот на Појасот Газа.

Во магацин лоциран во близина на клиниката и училиштето, има стотици гранати на ракетен погон, десетици противтенковски проектили и експлозиви, ракети со долг дострел, гранати и неколку беспилотни летала.

Како што се наведува, дел од оружјето е уништено, а дел ќе биде однесено во Израел поради истрага. Дополнително, се посочува дека магацинот е „уште еден доказ дека Хамас цинично ги користи жителите на Појасот Газа како жив штит“.

Видете и ова: Сведоштво од Газа: Во болница живеевме 38 дена

Во меѓувреме израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави дека израелската армија ќе има отворена безбедносна контрола над Газа по завршувањето на војната.

Израелскиот премиер рече дека само израелските сили може да се погрижат палестинската енклава да остане демилитаризирана.

„Ниту една меѓународна сила не може да биде одговорна за ова. Не сум подготвен да ги затворам очите и да прифатам каков било друг договор““, рече тој на прес-конференција.

Инаку по истекот на примирјето меѓу Хамас и Израел, продолжија тешките борби во Појасот Газа, додека израелската војска ги обнови борбените операции против Хамас, откако ја обвини палестинската екстремистичка група за прекршување на привремениот прекин на огнот со пукање на територијата на Израел.

Седумдневната пауза, која започна на 24 ноември и беше двапати продолжена, овозможи размена на десетици заложници од Газа за стотици палестински затвореници и го олесни влезот на хуманитарна помош во опустошениот крајбрежен појас.