Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија покажува дека корупцијата е на врвот на скалата на општествените проблеми, а 65 проценти од анкетираните граѓани укажуваат дека корупцијата е најголемиот проблем кој ги засега.
Според извештајот кој денеска беше презентиран на „Отворениот форум за антикорупција“, над 80 проценти од анкетираните граѓани сметаат дека министрите, пратениците, судиите и лидерите на политичките партии се перцепираат како најкорумпирани. Следни на ранг листата според перцепцијата на граѓаните се цариниците, јавните обвинители, локалните политички лидери и даночни службеници.
Најголема доверба уживаат МВР и ДКСК како институции за справување со корупцијата.
"Најголемиот проблем е неказнивоста, ако се земе предвид дека 25 проценти од испитаниците потврдиле дека биле вклучени во корупција и ако тој процент се проектира на полнолетното население, се доаѓа до заклучок дека се сторени минимум 372 илјади кривични дела од областа на корупцијата. Од друга страна во 2022 година само 98 лица биле осудени за злоупотребата на службена должност и поткуп, што значи стапка на ефикасноста на институциите од 0,026 случаи откриени и завршени со пресуда, " се наведува во извештајот на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Видете и ова: Министрите од регионот потпишаа изјава за борба против корупцијатаЕвроамбасадорот Дејвид Гир кој присуствуваше на форумот изјави дека непотизмот и кронизмот се главните причини за слабостите во борбата против корупцијата. Тој повтори дека извештајот на Европската Комисија укажува на значајни предизвици и недостиг на напредок во сегментот владеење на правото. Дополнително измените на кривичниот законик доведуваат до создавање на "правна дупка" со која се намалуваат можностите за гонење на високо профилни случаи на корупција, вели Гир.
„Кој и да победи на престојните избори, ќе се очекува да покаже резултати во борбата против корупцијата, особено во периодот кога ќе се справувате со последиците од измените на Кривичниот законик", изјави Гир.
Видете и ова: Агелер: Луѓето знаат кои се корумпирани, се надевам институциите ќе преземат нештоМакедонскиот претседател Стево Пендаровски пак смета дека е проблематично неспроведувањето на препораките на Греко во однос на системот на санкциите за прекршување на правилата за конфликт на интереси, интегритет и антикорупција. Според Пендаровски во продолжувањето со преговорите со Европската Унија клучен сегмент ќе биде токму справувањето со корупцијата.
Во извештајот меѓудругото, е посочено дека граѓаните овој пат покажуваат оптимизам во искоренувањето на корупцијата и нетолеранцијата на коруптивните активности.