Во Турција е уапсен Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, потврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вечерва 5 декември, на прес-конференција во Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Добивме известување од колегите од пријателска Турција дека главниот планер, креаторот, извршителот на убиството е фатен и лишен од слобода на нивна територија. Тоа беше и последната алка од овој грозоморен чин за да кажеме дека сме завршиле се што е од наша надлежност“, рече Спасовски.
Видете и ова: Приведен скопјанец осомничен дека го возел Палевски кон Бугарија и ТурцијаПалевски, по кого имаше меѓународна потерница, е фатен во турскиот град Баликесир и е почната постапка да му се определи екстрадициски притвор. Тој бил однесен со автомобил во Србија, а оттаму преку Бугарија во Турција. Му помогнале две лица кои го превезувале со нивните возила - еден го однел во Србија, а друг од Србија во Бугарија.
МВР поднесе кривични пријави против пет лица осомничени за вмешаност во случајот. На таткото на Вања, поради евентуална поврзаност со случајот, му беше определен 48-часовен притвор.
Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори.
Таа беше киднапирана и убиена заради изнуда на пари, како што кажаа министерот Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прес-конференцијата вчера(4 декември). Нејзиното тело беше пронајдено по седумдневна потрага, ден претходно, на 3 декември, во близина на скопското село Бразда.
Видете и ова: Отворени очи и искрен разговор со децата за траумите по убиството на ВањаИсчезнувањето го пријави мајката на Вања. Во потрагата се вклучија и надлежните институции и голем број граѓани.
На 3 декември, истиот ден кога беше најдено телото на Вања, полицијата го пронајде и безживотното тело на пензионерот Панче Жежовски од Велес. Според Спасовски, неговото убиство не е поврзано со убиството на Вања, туку неговото возило, кое подоцна беше запалено, било користено за грабнување на Вања.
Убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска предизвика шок и вознемиреност меѓу јавноста во Северна Македонија и пошироко на Балканот.