Oсновното јавно обвинителство(ОЈО) - Скопје побара Кривичниот суд да определи 48 - часовен притвор за 46-годишен скопјанец кој се сомничи дека го возел Љупчо Палевски - Палчо кон Бугарија и Турција по убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Палевски е првоосомничен за убиствата на Ѓорчевска и на Жежовски, кои предизвикаа вознемиреност во јавноста.
„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 2.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Република Бугарија и тоа - со влез во Бугарија на граничниот премин „Калотина“ и излез од Бугарија на граничниот премин „Капитан Андреево“ (кон Турција)“, соопштија од Обвинителството.
Осомничениот скопјанец управувал возило марка „ланд ровер“.
Видете и ова: Палчо - од сомнителен градежник, нереализиран политичар, до осомничен убиецВо притвор за киднапирањето и убиството на Ѓорчевска се четворица осомничени, меѓу кои е и нејзиниот татко. Вечерва тие повторно беа донесени на распит во Кривичниот суд во Скопје.
Вања Ѓорчевска беше киднапирана и убиена заради изнуда на пари, како што кажаа министерот Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прес-конференцијата вчера(4 декември). Нејзиното тело беше пронајдено по седумдневна потрага, ден претходно, на 3 декември, во близина на скопското село Бразда.
Видете и ова: ОЈО: Заврши распитот на таткото на Вања, во основа ги негира дејстватаИстиот ден (3 декември) беше пронајдено и безживотното тело на пензионерот Панче Жежовски од Велес. Според Спасовски, неговото убиство не е поврзано со убиството на Вања, туку неговото возило, кое подоцна беше запалено, било користено за грабнување на Вања.
Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори.
Нејзиното исчезнување го пријави нејзината мајка, а во потрагата се вклучија и надлежните институции и голем број граѓани.