Европскиот парламент (ЕП) ќе испрати набљудувачка мисија за следење на парламентарните избори во Србија, кои ќе се одржат на 17 декември, потврдија од ЕП.
Во вторник на 5 декември се одржа конститутивна средба на која беше договорено оваа мисија да ја предводи европскиот претставник Клемен Грошељ.
Делегацијата, која ќе биде дел од пошироката набљудувачка мисија на ОБСЕ, ја сочинуваат шест претставници. Меѓу нив е и известувачот за Србија во ЕП, Владимир Билчик и неговата колешка за Косово, Виола фон Крамон.
Во соопштението од ЕП се потврдува дека членовите на мисијата ќе останат во Србија во периодот од 14 до 19 декември.
Се очекува тие да излезат со соопштение ден по изборите, односно на 18 декември. Членовите на Европскиот парламент планираат да ги набљудуваат изборите во различни делови на земјата, вклучувајќи ги Белград, Војводина и централна Србија.
„Клучно е условите за парламентарните избори во Србија да бидат слободни и фер“, соопштија од ЕП.
Во Собранието на Србија се избираат 250 пратеници. Пратенички мандат ќе добијат оние листи кои освоиле најмалку три отсто од вкупниот број гласови на изборите.
Вонредните избори на 17 декември беа распишани на барање на српската опозиција, по неколкумесечните протести на граѓаните и политичките активисти ширум Србија, незадоволни од одговорот на државата за двете масовни убиства на почетокот на мај во Белград и околината на Младеновац при што загинаа 19 лица, главно деца.