ОЈО: Заврши распитот на таткото на Вања, во основа ги негира дејствата

Книга на жалост за убиената Вања Ѓорчевска пред Основното училиште „Ј.Х.Песталоци“-Скопје, 4.12.2023

Во Обвинителството денеска попладне(5 декември) заврши распитот на таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска во врска со нејзиното убиство, за кое тој е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за нејзиното излегување од дома. Од ОЈО Скопје велат дека во основа, тој ги негирал дејствата.

Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава.

Видете и ова: Отворени очи и искрен разговор со децата за траумите по убиството на Вања


Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски, вчера (4 декември) на прес-конференција ја образложуваа инволвираноста на таткото на Вања во случајот. Според нив, тројцата претходно приведени кажале дека тој му ги дал информациите на првоосомничениот во врска со движењето на неговата ќерка, за излегувањето од дома и маршутата на нејзиното движење.

Обдукцијата врз телото на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски во Институтот за судска медицина и криминалистика е, исто така, завршена, но резултатите од обдукцијата засега не се доставени до Јавното обвинителство.