Зеленски ќе се заложи кај американските сенатори за поголема воена помош за Украина

Володомир Зеленски, претседател на Украина, Киев, 21 ноември 2023

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски се очекува денеска (5 декември) да им се обрати на американските сенатори и да се заложи за континуирана американска воена помош за Украина додека киевските сили се подготвуваат за тешка зима на бојното поле, а руските гранатирања и напади продолжуваат да убиваат цивили.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот во октомври да усвои пакет помош во вредност од околу 106 милијарди долари за Украина, за Израел и за граничната безбедност, но Домот под контрола на Републиканците го отфрли барањето.

Водачот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, рече дека Зеленски бил поканет да зборува преку видео на доверлив брифинг „за да можеме директно од него да слушнеме што точно е во прашање“ кога законодавците гласаат за нацрт-законот кој вклучува милијарди долари помош за Украина.

Видете и ова: Белата куќа - Конгресот мора да усвои помош за Украина за да се избегне прекин на поддршката од САД


Брифингот, на кој ќе биде вклучен и американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, доаѓа еден ден откако Белата куќа предупреди дека американската помош за Украина ќе „пресуши“ до крајот на годината.

Додека Конгресот усвои повеќе од 110 милијарди долари помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари минатата година, тој не одобри никаква дополнителна финансиска помош откако Републиканците го презедоа Домот во јануари.

Брифингот е во ек на борбата на украинските сили со руските трупи околу индустрискиот град Авдијивка. Руските сили веќе неколку недели се обидуваат да го опколат градот во источниот регион на Доњецк, кој стана симбол на украинскиот отпор.

Во текот на изминатите 24 часа, украинските војници одбија 18 руски напади во областа Авдијивка, соопшти Генералштабот во својот дневен извештај за 5 декември.