Киргистан и Таџикистан се договорија за уште неколку спорни сегменти за границата

Изградба на пат близу границата меѓу Таџикистан, Киргистан и Узбекистан

Киргистан и Таџикистан се договорија за спорните сегменти за уште 15 милји (24 километри) граница меѓу двете земји, по специјалните разговори за ова прашање минатата недела, известија официјални лица од овие две поранешни советски републики.

Државниот комитет за национална безбедност на Таџикистан денеска (5 декември) објави дека разговорите се одржале во северниот град Бустон, во близина на границата со Киргистан.

Следната рунда преговори за другите делови на границата ќе се одржи на територијата на Киргистан на датум што допрва треба да се одреди.

Видете и ова: Обновени судирите на киргистанско-таџикистанската граница


Разграничувањето и демаркацијата на киргистанско-таџичката граница е прашање со децении, но во последните години се претвори во исклучително итно прашање по неколку смртоносни судири во должина на спорните делови на границата.

Во пролетта 2021 година, во вооружен конфликт на границата загинаа 36 Киргистанци, меѓу кои и две деца, а 154 беа повредени на киргистанска страна.

Таџикистанските власти официјално објавија дека за време на конфликтот загинале 19 таџикистански државјани, а 87 се повредени. Меѓутоа, локалните жители тогаш за таџикистанскиот сервис на Радио Слободна Европа јавија дека бројот на загинати во судирите е многу поголем.

Видете и ова: Пукање на границата меѓу Таџикистан и Киргистан


Вкупно, границата меѓу Киргистан и Таџикистан е долга 972 километри, од кои сега се договорени 688 километри, додека останатите уште се спорни.

Многу погранични области во поранешните советски републики во Централна Азија се спорни по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Ситуацијата е особено комплицирана во нестабилната долина Фергана, каде што се спојуваат границите на Таџикистан, Узбекистан и Киргистан.

Тензиите во тие области доведоа до судири меѓу локалното население и граничарите на трите земји.