Македонските ученици постигнаа пониски резултати од просекот на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој) на меѓународното ПИСА-тестирање во сите три полиња: читање, математика и наука, покажува најновиот извештај за 2022 година.
Просечните резултати за минатата година се полоши од оние во 2018 година во сите три тестирани полиња. Сепак, покрај неодамнешниот пад, резултатите по математика за 2022 година се подобри од оние во 2015 година, додека резултатите по читање и наука се вратиле на нивото кое последен пат било забележано во 2015 година.
Во периодот од 2018 до 2022 година јазот меѓу 10 отсто ученици со најдобри и најлоши резултати се намалил и на полето на математиката и на читањето и науката. По математика, најслабите станале подобри, но најдобрите ослабнале.
Со минимална разлика, резултатите за Северна Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018 година. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61-то место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71-то место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68-то место во Европа.
Видете и ова: Македонските ученици малку читаат и тешко се изразуваат
„Резултатите ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики. ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми“, соопшти МОН.
ПИСА тестот е меѓународен програм на процена на образовните постигнувања на учениците, а се оценува писменоста од математика и читање и знаењата од природните науки.
Ова е четврто учество Република Северна Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно бевме дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Во месеците април и мај 2022 година беа опфатени 6610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.