Министерството за внатрешни работи демантира дека во основното училиште „Страшо Пинџур“ во општина Карбинци, Штипско, денеска (5 декември) имало обид за киднапирање на две деца.
Информацијата претходно ја објави штипската телевизија ТВ Стар, а ја потврдија и директорката на училиштето Наталија Костова и градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов. Тие велат дека наводно грабнувачите се обиделе да внесат две деца во возилото.
„Она што го имам како информација од персоналот и од инспекторите тука на терен е дека имало таков обид, грабнувачите се обиделе да ги воведат двете деца во возилото кое влегло до почетокот на училишниот двор. Безбедносните камери го имаат фатено возилото и се работи на расчистување на случајот и утврдување на регистарската табличка на самото возило“, изјави градоначалникот Паунов и упати апел родителите да не се вознемируваат.
Сепак тој побара од МВР да ја зголеми безбедноста во овој дел од општината.
Видете и ова: Девојчето Вања жртва на „алчност за пари“, јавноста во шокОд МВР пак дематираат дека се работи за обид за киднапирање на деца. Оттаму соопштија дека случајот бил пријавен во СВР-Штип. Според полицијата, машко лице со возило „голф“ поканило една ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила назад во училиштето.
„Денеска (05.12.2023) во 09.52 часот во СВР Штип од Основно училиште во Општина Карбинци е пријавено дека околу 09.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката. Се работи на расчистување на случајот“, информираат од МВР.
Претходно, во изјава за ТВ Стар, и директорката на училиштето, Наталија Костова, кажа дека станува збор за две деца, од кои едното со македонска, а другото со турска националност.