Франција воведе санкции за шефот на Хамас во Газа

Шефот на палестинската екстремистичка група Хамас во Газа, Јахја Синвар

Франција во вторникот (5 декември) го замрзна имотот на шефот на палестинската екстремистичка група Хамас во Газа, Јахја Синвар.

Синвар стана најновиот водач на групата означена како терористичка организација од Соединетите држави и Европската Унија и додадена на листата на санкции на Франција, се вели во декретот објавен во официјалниот француски весник.

На 13 ноември, Франција, исто така, воведе национални санкции за воениот командант на Хамас Мохамед Деиф и неговиот заменик Марван Иса.

Франција, исто така, работи со партнерите за воведување санкции на личности на радикалната палестинска група и нејзината финансиска мрежа на ниво на Европската Унија, изјавија неколку дипломати, според Ројтерс.

Видете и ова: Израел започна офанзива во јужниот дел на Газа

Хамас ја поттикна војната со Израел со извршување на смртоносни напади во јужен Израел на 7 октомври, при што борците на палестинската група убија речиси 1200 луѓе, а зедоа 240 заложници.

Оттогаш, во израелските напади врз Газа загинаа повеќе од 15 000 Палестинци, а речиси две третини од жртвите се жени и деца, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.

Повеќе од три четвртини од населението на оваа територија се раселени од своите домови поради израелските бомбардирања и копнени напади, кои создадоа хуманитарна криза.