Обврските од договорот во Охрид се дел од европскиот пат за Косово

илустрација

Обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, вклучително и анексот за имплементација, ќе бидат вклучени во европските процеси поврзани со Косово.

Во нацрт-заклучоците од претстојниот министерски состанок, од Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград-Приштина и други регионални прашања, ќе биде побарано да ја ажурира агендата на следната косовска Специјална група за нормализација за да ги одрази обврските на Косово кои произлегуваат од Договорот и Анексот за негова имплементација.

Овие заклучоци до кои има пристап Радио Слободна Европа (РСЕ) треба да ги усвојат министрите за европски прашања на Советот за општи работи што ќе се одржи на 12 декември. Истите заклучоци потоа ќе ги потврдат и лидерите на земјите од ЕУ на самитот закажан за 14 и 15 декември.

Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ на 27 февруари во Брисел постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. На средбата што се одржа на 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.

Видете и ова: ЕУ бара Охридскиот договор да се вклучи во преговарачката рамка за Србија

Договорите не беа потпишани бидејќи претседателот на Србија одби да го стори тоа.

Сепак, во текстот на Охридскиот договор се наведува дека страните прифаќаат дека Договорот и Анексот за имплементација ќе станат составен дел на соодветните процеси за пристапување во ЕУ на Косово и Србија. За Србија тоа значи дека обврските од овие договори ќе бидат составен дел од преговарачката рамка во процесот на членство.

Косово, кое не е признаено од сите земји на ЕУ и затоа е во застој во однос на процесот на европска интеграција, ќе ги има овие обврски во рамките на Специјалната група за нормализација, што ќе ги одразува новите обврски на Косово кои произлегуваат од Договорот и овој анекс.

Советот на ЕУ ќе го поздрави постигнувањето договор на патот кон нормализација на односите, но ќе изрази жалење за недоволната имплементација на овој договор од двете страни, како и за другите нерешени обврски кои произлегуваат од дијалогот.

Видете и ова: Хил – И јас се прашувам зошто не е формирана Заедницата на општини со српско мнозинство

Косово и Србија се поканети целосно и без одлагање да ги почитуваат и спроведат овие обврски.

„Ова вклучува и формирање на Заедница на општини со српско мнозинство. Советот ја поздравува подготвеноста на Косово и Србија да го прифатат нацрт-статутот што им го презентираше на партиите од страна на олеснувачот на ЕУ, со разбирање дека е неопходно да се работи понатаму по оваа основа“, се наведува во нацрт-заклучоците.

Министрите за европски прашања ќе го повикаат Косово да се вклучи во дијалог со добра волја и во духот на компромисот за да се постигне, без одлагање, сеопфатен правно обврзувачки договор со Србија за нормализација на односите во согласност со меѓународното право и ЕУ.

Се наведува дека овој договор треба да ги реши сите клучни отворени прашања и со тоа да придонесе за регионалната стабилност.