Полицијата во градот Конеургенч на северот на Туркменистан го уапси Худаиберди Алашов , поранешен дописник на Радио Слободна Европа (РСЕ) од оваа централноазиска земја, под непознати обвиненија.
Роднините за РСЕ рекоа дека Алашов бил уапсен на 1 декември, неколку дена откако бил повикан на распит од полицијата, каде што според нивните тврдења бил „претепан“.
Според неговите најблиски, не се знае каде е Алашов и која е причината за неговото апсење.
Алашов работеше како дописник на РСЕ околу три месеци во 2016 година, пред тој и неговата мајка да бидат уапсени во декември истата година под обвинение дека користеле тутун за џвакање, што е нелегално во строго контролираната поранешна советска република. Алашов и неговата мајка Курбантач Аразмедова тогаш го негираа обвинението.
Во средината на февруари 2017 година, Алашов и неговата мајка беа ослободени откако судот ги осудени за поседување тутун за џвакање и добија по три години условни затворски казни.
По ослободувањето, Алашов престана да работи за РСЕ бидејќи се плашел за својата безбедност.
Видете и ова: Рускиот суд ја отфрли жалбата на новинарката на РСЕ Алса Курмашева во врска со изречената парична казнаВо октомври 2019 година, полицијата повторно го уапси Алашов и го претепа за време на неколкучасовното испрашување. Стресот од непријатностите со нејзиниот син ја погодил Аразмедова, на која и се слошило и починала во болница два дена подоцна.
Во мај 2022 година, службено лице жестоко ги претепа Алашов и неговата сопруга во Конеургенч, по што сопругата на Алашов, Ејеш Аразгиљева беше хоспитализирана, а на него му беше укажана лекарска помош.
Минатиот месец, на друга поранешна дописничка на РСЕ од Туркменистан, 74-годишната Солтан Ачилова, не и беше дозволено да ја напушти земјата и да замине во Швајцарија, каде што се очекуваше да добие престижна награда за човекови права за нејзиното известување.
Тогаш Ачилова за РСЕ изјави дека била претресувана и понижувана на меѓународниот аеродром во Ашгабат, каде што официјалните лица не и дозволиле на неа или на нејзината ќерка да се качат во авионот на 17 ноември и покрај тоа што имала важечки пасоши, визи и билети.