Министерот за правда, Кренар Лога денеска изрази сочувство до семјствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, изразувајќи надеж дека сторителите на ова дело ќе добијат најстрога и правдата ќе излезе на виделина.
На новинарско прашање за воведување смртна казна, Лога рече дека и тој е гневен како и секој граѓанин на оваа држава, но потенцираше дека нашиот Устав ја забранува смртната казна, а нагласи и дека истата е забранета во земјава и со други усвоени протоколи и конвенции.
„Јас сум меѓу тие граѓани во оваа држава кои мислат дека смртната казна би била спас за тие монструми и сум на таа страна тие да ја доживуваат казната до крајот на својот живот, во нивната свест што имаат направено“, рече Лога.
Највисоката казна затвор што судот може да ја изрече за ова дело е доживотна казна затвор.
Видете и ова: Девојчето Вања жртва на „алчност за пари“, јавноста во шок„Верувам и во МВР и во обвинителството и дека на крај Судот ќе ја изрече таа казна што монструмите ја заслужуваат“, рече министерот за правда кој беше на настан во училиште во Шуто Оризари.
Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023 година, а вчера нејзиното безживотно тело беше пронајдено во околината на Скопје.
Во ООУ „Јохан Хајнрих - Песталоци“ денеска беше отворена книга на жалост за прерано згаснатиот живот на малолетната Вања Ѓорчевска.