Албанската опозиција, односно Европскиот сојуз за промени составен од Демократско движење, Беса и Алтернатива, ја напуштија лидерската средба во Собранието.
Меџити по излегувањето од лидерската рече дека го напуштиле состанокот, откако тоа претходно го направил претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој вели дека Џафери си заминал од состанокот кога се зборувало за членови во Државната изборна комисија (ДИК).
Меџити, Касами и Гаши си заминале оти, како што велат, немало со кого да ги соочат аргументите.
Во ДИК испразнето е местото на кое беше Кренар Лога како претставник на Алијанса за Албанците, која по последните парламентарни избори беше опозициска партија. Лога ја напушти Комисијата кога неговата партија реши да влезе во Влада со што тој стана министер за правда. Меџити тврди дека сега местото, со оглед дека Алијанса е во Владата, треба да го добијат тие како албанска опозиција.
„Цениме дека господинот Џафери ова го одолговлекува долго време. Година време гледаме интенција да не се избере член и да не биде целосна ДИК што утре задутре може да биде причина некој да ги оспори и да се жали на изборите што влегуваме во друг непознат простор. Моментално соодносот е 4 спрема 2, позицијата има 4 члена. Според законот три члена треба да има опозицијата.ВМРО е присутно во ДИК со двајца членови, а третиот треба да биде наш - на албанската опозиција да за да се исполнат законските услови“, рече Меџити.
Видете и ова: Почна лидерската средба, лидерите без големи очекувања
Покрај за ДИК, на лидерската како албанска опозиција настапиле со став парламентарните и претседателските избори да се одржат порано од 8 мај датум за кој веќе се лицитира во јавноста. Побарале првиот круг претседателски избори да биде на 14 април, а на 28 да биде вториот круг од претседателските заедно со парламентарните.
Во однос на техничка влада, ставот им е, како што кажа Меџити, дека треба да има, но позициите резервирани за опозицијата да им припаднат на партиите од албанскиот опозициски блок, за како што вели Меџити „еднаш засекогаш да се отстрани дел од режимот и да има услови за фер и демократски избори“.
Видете и ова: Ковачевски - Успешна лидерска средба значи да нема уцени од партиите
Уште еден став со кој настапиле Меџити, Касами и Гаши е да ѝ се овозможи на дијаспората да гласа преку пошта или електронско гласање, оти, како што велат, таа е нераскинливо ткиво од државата.
На прашањето дали им одговориле дали некои од барањата се прифатливи за власта, Меџити рече дека не дошло до разговор за барањата и предлозите бидејќи ја напуштиме седницата на почетокот.
„Ние цениме дека зборуваме за европски вредности, за почитување на закони. Ако на првиот чекор има вакво сопнување ова ни кажува дека веќе спремаат сценарио за фалсификување на изборите“, рече Меџити.
Лидерската средбата започна околу 12 часот. На неа дојдоа лидерите на сите партии, освен Левица која најави дека ќе отсуствува поради случајот со девојчето Вања. Во моментов, во тек е пауза од средбата, по што состанокот ќе продолжи.
Според информациите кои пак, пред новинарите ги изнесе пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, на лидерската средба досега ставовите ги изнеле повеќето лидери, а по паузата се очекува да се произнесе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Трајанов вели дека се најавуваат некои заклучоци, но според досегашниот тек на расправата, според него, тешко дека ќе има консензус освен за датум за избори. Осми мај, кој од власта беше посочен како можен датум кога би се одржале парламентарни и втор круг претседателски избори, според изјавата на Трајанов, бил предлогот што премиерот Димитар Ковачевски го кажал на лидерската.
Лидерите на парламентарните партии се собраа во Собранието за да разговараат за датум за претседателски и парламентарни избори.