Уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат и додека не видиме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон македонската заедничка во Бугарија, рече лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на лидерската средба во Собранието.
Изборите кои треба да се одржат напролет, евроинтеграциите кои зависат од уставните измени и техничката влада се во фокусот на лидерската средба која започна точно напладне.
Мицкоски вели дека за неколку месеци од денеска многумина од политичарите ќе бидат минато на политичката сцена. За техничката влада, 100 дена пред избори, Мицкоски вели дека нема ни да се разговара на оваа средба.
„Предмет на оваа средба, колку што знам, не се ниту уставни измени, ниту техничка влада, туку датум за претседателски и парламентарни избори“, рече Мицкоски, посакувајќи им среќа во опозиција на сега владејачките партии.
Премиерот Димитар Ковачевски, кој и ја најави лидерската средба, не даде изјава.
Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој е дел од владејачкото мнозинство вели дека сега бараат широк консензус за одржување на претседателски и парламентарни избори заедно, кои би се одржале крај на април и почеток на мај. Во однос на техничка влада, Таравари вели дека за ова требаше да се разговара пред една или две години.
„Остануваме во Влада, до последен моменткога ќе видиме дали има шанса за евентуално уставни измени, ако не, во партиските тела ќе разговараме и ќе донесеме одлука. Меѓутоа нема да дозволиме да имаме дестабилизирање во Владата додека има услови за уставни измени“, рече Таравари.
Видете и ова: Ковачевски - Успешна лидерска средба значи да нема уцени од партиитеСкендер Реџепи од Народно движење нема големи очекувања од денешната средба, оти како што вели имаа дијаметрално спротивни ставови. Тој би поддржат барање да се укине техничката влада, но под услов да се согласат сите на уставни измени.
„Верувам дека согласноста ќе биде околу мај, но она што за мене е најважно е да успееме да вметнеме евроинтеграциски договор и одлука за Уставни промени, што не верувам дека има таква подготвеност“, рече Реџепи.
На лидерската присуствуваат лидерите на СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои се на власт, и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и партиите од Европскиот сојуз за промени.
Левица, која има два пратеници во Собранието, синоќа најави дека нема да учествуваат на лидерска, поради веста дека исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска е пронајдена мртва по една недела трагање. Лидерите, пред средбата, изразија сочувство за смртта на девојчето.
На средбата присуствуваше и претседателот на Собранието Талат Џафери.
Лидерите на најголемите политички партии во јавните изјави веќе изразија согласност дека изборите би можеле да се одржат тогаш. Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај. Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април.
Видете и ова: Лидерска средба во Собранието - во фокус изборите, евроинтеграциите, Изборниот законик и техничка владаПремиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во најавата дека ќе свика лидерска средба како една од темите за разговор ги посочи евроинтеграциите. Тие пак зависат од усвојување на уставни измени со кои во Уставот ќе се внесат и Бугарите, но ВМРО-ДПМНЕ се противи на измените.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери на 27 ноември изјави дека според најавите и претпоставената динамика, ако парламентарните и претседателските избори би се одржале заедно на 8 мај, распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 февруари.
Ако изборите се одржат споено, тогаш според Пржинскиот договор треба претходно да биде формирана и техничка Влада на 100 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 јануари.
Следните парламентарни избори треба да бидат 11-ти по ред од осамостојувањето на земјата и воведувањето на политички плурализам. Досега се одржани и шест избори за Претседател на државата. Првиот мандат на Киро Глигоров бил даден врз основа на избор од страна на Собранието, согласно тогашните уставни решенија.