Кривичниот суд Скопје определил притвор од 48 часа за три лица од осомничените за убиството на Вања Ѓорчевска и на П.Ж. од Велес.
Оттаму денеска (4 декември) информираат дека трите лица биле спроведени рано утринава во судот и дека судија на претходна постапка го прифатил предлогот на Обвинителството за притворот.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Оснвноto јаvно обвинителство, за определување мерка краткотраен притвор, а поврзано со убиството на малолетната В.Ѓ. од Скопје и П.Ж. од Велес, против три лица кои рано утрово беа спроведени во судот, донесе решнија со кои го прифати предлогот и на трите лица им определи мерка притвор од 48 часа, а заради постоење на основите од чл. 165 став 1 точка 1,2 и 3 односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и страв дека ќе го повтори односно изврши ново кривично дело“, соопшти Кривичниот суд во Скопје.
Видете и ова: Вања Ѓорчевска пронајдена мртва во околината на Скопје
Оттаму посочуваат и дека мерката краткотраен притвор, по предлог на надлежниот обвинител, може да се продолжи или замени со други мерки за обезбедување присуство.
„Заради сензибилноста на настанот, разбирливиот јавниот интерес, но и пред истражната постапка која е сеуште во тек, како Кривичен суд апелираме за сите официјални информации поврзани со случајот, медиумите да се обратат до надлежниот Јавен обвинител“, додаваат од Кривичниот суд.
Јавното обвинителство синоќа соопшти дека по преземени опсежни мерки и активности од полициските службеници од СВР Скопје, на 3 декември во околината на Скопје било пронајдено безживотното тело на малолетната Вања Ѓорчевска.
Ѓорчевска беше пријавена за исчезната во понеделникот на 27 ноември рано утрината на пат кон училиште. Според извештаите, последниот сигнал од нејзиниот телефон тој ден се изгубил спроти Универзална сала на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.