Израелските сили го шират копнениот напад на југот на Појасот Газа

илустрација

Израелските копнени сили се судираат со борците на Хамас низ целиот Појас Газа, соопшти израелската војска, со што е досега најјасната потврда дека е почната планираната копнена офанзива на југот на оваа палестинска енклава преполната со бегалци.

Истовремено, палестинската милитантна група Хамас соопшти дека нејзините борци се судриле со израелските војници на околу два километри од градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, пренесуваат британските медиуми.

Жителите од овој град, втор по големина во Појасот Газа, од кои многумина се преселиле за да избегаат од израелско-палестинскиот конфликт, потврдија дека се слуша тенковско гранатирање, изразувајќи стравување од нова израелска копнена офанзива.

Видете и ова: Израел ја префрла офанзивата кон јужниот дел на Газа

Израелската армија претходно им нареди на луѓето да се евакуираат од некои делови од градот и предградијата, но не беше објавен нов копнен напад на југот на палестинската енклава.

„Израелските одбранбени сили(ИДФ) продолжуваат да ги прошируваат своите копнени операции против упориштата на Хамас низ Газа. Нашите сили директно се соочуваат со терористите и ги елиминираат“, изјави портпаролот на ИДФ, контраадмирал Даниел Хагари на прес-конференција во Тел Авив.

Медиумите под контрола на Хамас рано утринава објавија дека според информации на итните служби, тројца работници на итната помош загинале во израелски напад врз северниот дел на градот Газа.