Шпанската полиција заплени речиси еден тон кокаин на групата „Балкански картел“ во пристаништето Алгесирас, соопштија шпанските власти.
Полицијата навела дека дрогата била скриена во бродски контејнери кои пристигнале од Јужна Америка, пренесува Хина.
Се додава дека безбедносните структури на Шпанија имале информации дека групата наречена „Балкански картел“, која ја сочинуваат криминалци од територијата на поранешна Југославија, доставувала дрога до пристаништето Алгесирас.
Видете и ова: Меѓународна полициска акција во Србија, уапсени 160 лицаПо пристигнувањето на сомнителниот брод во Андалузија, полицијата во Алгесирас извршила претрес на товарот што го превезувал и пронашла 415 килограми кокаин. Потоа, во втората пратка со контејнери што пристигнала во тој град на југот од земјата биле пронајдени уште 500 килограми дрога.
„Балканскиот картел во моментов е најактивен на европско ниво“, се вели во соопштението на шпанската полиција.
Се вели дека нарко-картелите од Јужна Америка испраќаат кокаин во шпанските пристаништа скриен меѓу легални стоки во бродски контејнери.
„Тешкотиите во истрагите поврзани со членовите на овие организации лежат во нивната мобилност. Тие можат да поминат илјадници километри за да одржат состанок“, соопшти шпанската полиција.
Соопштено е дека истрагата продолжува со цел да се уапсат членовите на оваа шверцерска мрежа.