Пописот на населението во Црна Гора започна во недела на 3 декември. Дирекцијата за статистика на Црна Гора (Монстат) соопшти дека во следните 15 дена попишувачите ќе бидат на терен од 8 до 20 часот.
Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ изјави дека пописот е добро подготвен.
„Покажавме дека Црна Гора има функционални институции и одговорни поединци подготвени да градат мостови за европската иднина“, изјави премиерот Спајиќ.
Пописот се одвива откако властите и опозицијата се договорија под кои услови ќе се одржи.
„Ги повикуваме сите граѓани слободно да се изразат“, рече на 1 декември Данијел Живковиќ, од опозициската Демократска партија на социјалистите.
Видете и ова: Комплетиран Уставниот суд во Црна Гора по повеќе од три годиниПретседателот на Парламентот на Црна Гора Андрија Мандиќ изјави дека на терен ќе има повеќе од 3.000 попишувачи.
„Успеавме да постигнеме договор за кој вреди да се чека три години“, рече Мандиќ за Радио-телевизија на Црна Гора (РТЦГ).
Пописот на населението во Црна Гора требаше да се одржи во 2021 година, кога беше одложен поради корона вирусот. Потоа во 2022 година не се одржа, како што објаснуваат властите, од технички причини.
Претходната влада на премиерот Дритан Абазовиќ го закажа пописот за 1 ноември. Откако опозицијата најави дека ќе го бојкотира, новата влада го одложи за 30 ноември, а дополнително, на барање на опозицијата, за 3 декември.
Со договорот меѓу власта и опозицијата се проширија пописните комисии, се повторуваа јавните повици за попишувачи и се воспостави контрола на внесувањето на податоците.